Избрани се четворица судии за скопскиот Апелациски суд

Судиите Александар Шопов, Ирена Костадиновска Ангелова, Наталија Донева и Илир Сулејмани, сите од Основниот граѓански суд Скопје освен Шопов, денеска се избрани за судии во Апелациониот суд Скопје од граѓанската област, а во Судскиот совет следува избор на уште четворица судии за Апелација од кривичната област.

Прворангирана на листата за избор на судии за скопска Апелација од граѓанската област е Елизабета Настов, но таа не ја доби поддршката, односно за неа шестмина гласаа „за“ и исто толку „против“.

Следен на ранг-листата беше Александар Шопов од Основниот суд Велес, за чиј интегритет членовите на Судски совет имаа само пофални зборови и го избраа со осум гласа „за“ и четири „против“.

Сите 12 гласа „за“ ги доби треторангираниот кандидат Ирена Костадинова-Ангелова, а со 10 гласа беше избрана четврторангираната Наталија Донева.

Петорангирана беше судијката Софија Спасова-Медарска, но таа не ја доби поддршката, односно за неа гласаа четворица, а имаше осум гласа „против“.

Како четврти судија за Апелација беше избран шесторангираниот судија Илир Сулејмани, кој беше судија четири години, а претседател на најголемиот суд, Граѓанскиот суд Скопје, во два мандата од вкупно осум години. Тој беше избран со 11 гласа „за“.

Следува изборот на уште четворица судии од кривичната област.