Македонскиот воздушен простор е затворен за руски авиони: Дали Лавров ќе може да дојде на самитот на ОБСЕ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи добил писмо од својот руски колега Сергеј Лавров, во кое Русија покажала интерес и барање да се обезбеди присуство на Лавров во земјава, на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје.

Осман и денеска изјави дека во врска со тоа постојат, како што рече, одредени предизвици, бидејќи македонскиот воздушен простор е затворен за државни руски авиони.

-Ние ги процесуираме барањата на сите членови на руската делегација за визи и за доаѓање во Северна Македонија. Во моментот кога ќе имаме решение, сигурно ќе информираме – рече министерот Османи.

На Министерскиот состанок на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје од 29 ноември до 1 декември ќе учествуваат 76 делегации од земји-членки и партнери на ОБСЕ, а се очекуваат околу 1.000 гости.

Во моментов во тек се консултации за можните кандидати за претседавач на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ за 2024 година. Тоа ќе биде една од темите на Состанокот ЕУ – Западен Балкан што се одржа попладнево во Брисел.