(Видео) Незири за споменикот во Сопот: Не гледам никакво сценарио, таму биле убиени 50 селани

„Од село Сопот, по Втора светска војна се убиени 50 селани, не било институционално организирано одбележувањето. Политичките партии се склони да искористуваат се што може за да добиваат поддршка, но не гледам сценарио за поткрепување на меѓунационални односи, за влошување, или за пренасочување на вниманието од реалните проблеми“ – вели новинарот Џелал Незири во најновото издание на Трилинг.

Тој смета дека „Факт е дека првпат опозицијата кај Албанците се обединува, околу една идеологија, и се обидува сите сили да ги окрупнува пред изборите. ДУИ останува главна партија кај етничките Албанци, но да ги почекаме изборите да видиме дали ќе заминат во опозиција“.

„Се додека има ваква поларизација во општеството, додека партиите мислат дали ќе го задржат сегашниот рејтинг, а не не мислат од последиците од неисполнување на обврските преку меѓународни договори, мислам дека на сцена или како план Б се појавува ваков амбиент типичен балкански. Има негативно расположение во јавноста од актуелната власт, тоа се потпира на овие тешки договори и компромиси кои Владата ги постигна со Грција и со Бугарија. Третото вето предизвика сериозно ниво на евроскептицизам во јавноста, најниска поддршка за интеграцискиот процес кај нашата јавноста и опозицијата ова расположение го материјализира со политика на одбивање на францускиот предлог, на одбивање на гласање на уставните измени“ вели Незири.

„Иако се чувствува ВМРО-ДПМНЕ комотно во рејтингот, ништо не е сигурно, нештата можат да се променат. Ако се врати ветото, следната власт тешко дека ќе ја носи земјата кон посветла иднина“ смета новинарот.