Во три училишта во скопски Карпош 9 ученици заразени со салмонела

Кујните во три училишта во скопската општина Карпош се затворени откако се потврдени случаи на 9 деца заразени со салмонела, информираат од Општината.

Оттаму појаснуваат дека во ООУ „Војдан Чернодрински“ се заразени три ученици, во „Владо Тасевски“ пет, додека во „Јан Амос Коменски“ има еден ученик заразен од салмонела.

– Во ООУ „Војдан Чернодрински” од 180 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај 3 ученици од Центарот за јавно здравје има потврда дека имаат салмонела. Во ООУ “Јан Амос Коменски” од 350 ученици кои се хранат во училишната кујна (појадок и ручек), само кај 1 ученик е потврдено дека има салмонела. Во двете училишта станува збор за ученици од прво одделение. Во ООУ “Владо Тасевски” има потврдени 5 случаи од 1 до 4 одделение, од 350 деца кои примаат храна во училиште – информираат од општина Карпош.

Вчера и денеска се земени брисеви од сите работни површини во основните училишта, а резултатите се очекува да бидат готови најдоцна до сабота.