Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека нацрт-заедницата на општини со српско мнозинство предложена од Европската унија и САД е „значително понапредна“ од претходните, но дека косовските власти не се задоволни од содржината и испратиле забелешки до специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.
Тој пред новинарите во Пеќ изјави дека поради доверливост не може да зборува ниту за нацртот, ниту за забелешките и дека на Лајчак му ги пренел преку главниот преговарач на Косово, Бесник Бислими, на 24 октомври, два дена пред средбата во Брисел, пренесува „Танјуг“, повикувајќи се на „Коха“.
„Ова е сосема поинаков нацрт, неспоредливо понапреден, но тоа не значи дека сме задоволни, затоа и јас испратив мои забелешки и критики“, рече Курти.
Тој повтори дека понудил потпис само како дел од пакетот кој ги вклучува Основниот договор, Анексот за спроведување, како и нацртот за кој претходно испрати коментари.
Косово сака пат кон Унијата и НАТО
„Бидејќи во Брисел ни кажаа дека нормализацијата на односите е итна, се согласив да го потпишам, но само како дел од пакетот“, рече Курти и додаде дека во него побарал Косово да добие статус на земја кандидат за ЕУ и да го започне патот на прием во НАТО.
На прашањето зошто не го примил Лајчак во понеделникот, тој рече дека нема потреба да се сретне со него бидејќи има други обврски.
„Мојот заменик Бесник Бислими се сретна и се е во ред. Кога има потреба, излегувам и јас да се сретнам, Бислими контактира и комуницира со него [Лајчак]. Не е првпат да имаме средба со европски емисар, но ја води мојот заменик, кој е одговорен за европските интеграции, развој и дијалог“, рече Курти.