Екипата на Тиквеш и со два црвени картони успеа да извлече бод на домашен терен против Гостивар (2-2), во меч кој го одбележа лоша арбитража и бројни грешки од страна на судискиот тим, објавува Гол.мк.
Правдата на Градскиот стадион во Кавадарци ја делеа Александар Грујоски, а помошници му беа Куштрим Лика и Давор Цветаноски. Тиквеш имаше многу замерки за арбитражата, а во еден момент градоначалникот Митко Јанчев ги повлече играчите на Тиквеш во знак на револт.
Сепак, ситуацијата се смири и дуелот продолжи, а Тиквеш иако со двајца играчи помалку, од 0-2 херојски дојде до израмнување и вреден бод. По мечот, лутиот Митко Јанчев имаше „поздрав“ за делителите на правдата.
Се чека на Судиската анализа на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) која доаѓа по секое коло, за да се види оценката на Александар Грујоски и неговиот тим.