Новинарот Исен Салиу кој има богато искуство по македонскиот печат вечерва е гостин во новото издание на „Трилинг“. За ситуацијата во ДУИ, „Огнените“ против Ахмети, следни изборни комбинаторики, но и влијанието на Албин Курти беа клучните теми вечерва.
Се сеќаваме кога не многу одамна нерамноправна војна имаше еден медиум против една партија на власта. Не беа многу битни аргументите и доказаите, туку секогаш имаше тенденција судијата да биде на страна на власта. Стигнавме до Врховен суд со нашиот случај, а излеговме како страна која победи во случајот. Беше тешко и напорно. Мислевме дека тоа време веќе е минато, но уште се случува инерцијата од тогаш кога велевме дека имавме режим во државата и се уште се врши притисок врз медиумите, вели Салиу за „Трилинг“.
Тој додава дека сите за во јавност се за „слобода на медиумите“, но во пракса се вршат притисоци кон медиумите.
Салиу го коментира и „огненото движење“.
Ахмети направи еден повратен удар и успеа да ја подели огнената група. Меџити е доста влијателен политичар, дури и кога беше внатре во ДУИ успеа да создаде свој имиџ и свој начин на водење на политика, ги има своите бастиони, а тоа се првата и втората единица. Освен тоа, неговите блиски луѓе се дел од сите изборни победи на ДУИ досега и знаат од внатре како функционира партијата на Ахмети, вели Салиу.
Тој даде и своја претпоставка за следните избори во Македонија, но го кажа и влијанието на Албин Курти.
Зголемени се шансите ДУИ да оди во опозиција следните избори. Кај албанските гласачи е многу битно што албанската опозиција ја добива поддршката од косовскиот премиер Албин Курти. Тој е влијателен политичар кај сите Албанци и во Косово и во Македонија и во Албанија. Порано, ДУИ имаше поддршка од Косово, но сега доста ќе се почувствува поддршката на Курти за албанската опозиција, додава Салиу.
Салиу не верува дека ќе има уставни измени во Македонија.
На прашање какви би биле изборните комбинаторики за идна влада, Салиу оценува дека кај Македонците убедлив победник ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, а кај Албанците не се знае се уште.
Анкетите покажуваат интересна ситуација. ВМРО-ДПМНЕ е во големо водство пред СДСМ, а кај Албанците ситуацијата е поинтересна. Расте албанската опозиција, ДУИ е во пад, Алијанса се се поблиску да одат сами на избори, заклучува Салиу.