За измените во Кривичниот законик, поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, односите со Никола Груевски, уставните измени, идниот претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, можна коалиција со албанските партнери и тековните политички актуелности дискутираме со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Вечерашниот разговор со Николоски го започнавме со најактуелната тема во претходниот месец, а тоа е се измените на Кривичниот законик.
ВМРО-ДПМНЕ го обезбеди потребниот кворум за овој закон,а со членот 353 се опфатени луѓе од оваа партија. Сепак, Николоски го негира ова и вели дека ВМРО-ДПМНЕ не обезбедиле кворум за овој закон.
Во Собранието сѐ се евидентира електронски, а така е евидентирано дека 61 пратеник од власта присуствувале, точно е дека сите не гласаа, но самите направија кворум. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ по оваа тема е активен бојкот, односно секогаш влегуваме во сала и гласаме против кога ќе се обезбеди кворум, започнува Николоски.
Николоски објаснува кој бил планот на власта кон ВМРО-ДПМНЕ за овој закон.
Имајќи предвид дека законот нѐ изненади сите освен ДУИ и СДСМ тие имаа спремно две кампањи за двете можни сценарија. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не беше внатре во салата тогаш ќе беше дека ВМРО-ДПМНЕ нема став и на тој начин го поддржале законот, а доколку ВМРО-ДПМНЕ беше внатре тогаш ќе беше дека ние сме обезбедиле кворум. Двете се неточни, но тоа беше две кампањи однапред спремни за власта. Не се дискутираше за амнестијата со КЗ, туку за однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ, продолжува Николоски.
Николоски додава дека ова е дел од политичкиот прогон кон членовите на оваа партија.
Еден на пример кој има голем бенефит, за којшто не слушнав ништо да каже власта, е поранешниот директор на УБК кој доби целосна амнестија за прислушкувањето, а суштината на целиот процес на објавување на т.н. бомби беше да се дознае кој и зошто прислушкувал. Кога го исклучувавме од партијата јас лично кажав дека не треба да ја лажеме и замајуваме јавноста дека странски служби и жолти комбиња преслушкувале туку преслушкувањето е внатре во УБК. Сега гледам дека актуелната власт на ДУИ и СДСМ не сака да се открие вистината до крај, го амнестира и него му застаре прогонот и со тоа му застаре кривичното дело таму. Во моментов единствен против кој се води судски процес за прислушкување е личност која е жртва на прислушкувањето, а тоа е поранешната министерка, Гордана Јанкулоска. Впрочем и оваа работа беше прославена со најскапата свадба во историјата на Македонија за која не слушнав збор да каже кој било од ДУИ и СДСМ, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Николоски смета дека и до ден денес се прислушкува и вели дека не може да открие повеќе детали.
Уставните измени за КЗ се завршена работа. Францускиот предлог според мене е бугарски предлог, вели Николоски.
За поранешниот премиер, Никола Груевски, Николоски веќе вели дека тој е минато и е завршена работа.
ВМРО-ДПМНЕ е поголема партија од сите лидери, вели потпретседателот Николоски.
За поранешната министерка Гордана Јанкулоска тој вели дека вратите ѝ се отворени, а за Зоран Ставрески Николоски вели дека тој човек има многу квалитети и дека моментално помага за буџетите на општините.
Николоски вели дека моментално има 20-ина потенцијални кандидати за претседател, а ќе биде избран тој што ќе има најголем рејтинг.
Јас повеќе навивам решението да е од партијата, наместо непартиско решение. Но, сепак сме имале и такви позитивни примери, вели Николоски.
За Урсула Фон Дер Лајен вели дека секаде во регионот не се сретнала со опозицијата, а ова не треба да биде за политички поени, туку да се подобри економијата и да бидеме подобри на економски план како држава.
Според Николоски најдобро би било парламентарните и претседателските избори да се споени.
Правилото победник со победник нема да важи, со ДУИ не би правеле влада, се надевам на 61 пратеник, спремни сме да разговараме со партнери, а предност има албанската опозиција, завршува Николоски.