
Дебатите за политичко – општествените прашања треба да придонесуваат кон остварување на слободата на изразување, кон културата на толеранција и во ниту еден момент не смеат да поттикнуваат нетрпеливост, велат денеска преку соопштение од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во врска со вчерашната емисија „Само вистина“, емитувана на ТВ Канал 5.
– Етикетирање на медиуми и новинари, како што тоа во вчерашната емисија го направи Исмет Рамадани, советникот за евроатлантски вредности на премиерот, негативно се одразува на слободата на медиумите и го нарушува новинарскиот дигнитет.Секое попречување и, особено, прекинување на емисиите од страна на управителите или сопствениците на медиумите, како вмешувањето на Иван Мирчевски, управителот на ТВ Канал 5, во емисијата „Само вистина“ претставува мешање во таа независност и самостојност, сметаат од АВМУ.
Истовремено, стои во соопштението, медиумите треба да бидат простор за отворена дебата, место каде ќе се изнесуваат различните мислења и ставови Уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика, сметаат од Агенцијата, треба да бидат самостојни и независни.
Со свој став се јавија и од Здружението на новинари, Самостојниот синдикат и на новинари и медиумски работници и Советот за етика во медиумите на Македонија кои ги повикуваа сите медиумски професионалци, јавни личности и учесници во јавните дебати да придонесат позитивно и со почит кон јавниот говор, поддржувајќи ги принципите на почитувана комуникација и уредувачка независност.
Во општество каде што телевизијата во живо игра улога во обликувањето на јавниот дискурс, од најголема важност е сите учесници да одржуваат висок стандард на комуникација и да говорат со почит кон соговорниците, но и кон публиката. Категорично ги осудуваме сите дејствија кои ја компромитираат уредувачката независност од страна на раководните структури на медиумите, а дополнително ја нагласуваме важноста од зачувување на овој принцип за одржување на кредибилитетот на новинарството во Македонија, сметаат ЗНМ,ССМ и СЕМ.
Од МАН пак дадоа целосна поддршка за Канал 5 ТВ и ги осудија за неосновани обвинувањата од советникот на Владата Исмет Рамадани.