Ова е одмазда кон мене и мојата партија, Лога не се откажува од законот за амнестија

Пратениците денеска не го изгласаа законот за амнестија предложен од Министерството за правда по скратена постапка. Министерот за правда Кренар Лога оваа постапка ја гледа како одмазда кон него, односно неговата политичка партија поради негласање на друг закон, но како што вели не се откажува од законот за амнестија и повторно ќе го поднесе, но овој пат по редовна постапка.

-Денеска Македонија е понеправедна држава од вчера, за жал оваа неподдршка за предлог Законот за амнестија ја гледам како одмазда за измените на Кривичниот законик кон мене и мојата политичка партија, изјави Лога и изрази надеж дека пратениците биле „против“ поради скратената постапка.

Според Лога не постои никаква криза.

-Тоа што го кажав и на почетокот, а тоа е дека продолжуваме понатаму. Значи денеска не се прифати предлогот за да биде по скратена постапка. Така да, јас пак ќе ја повторам постапката, со редовна постапка. Ако сакаат дежаву, пак ќе ја имаат таа можност уште еднаш да гласаат за оваа работа. Ако се донесуваат преку ноќ закони за големи риби, тогаш јас имам кажано од прв ден дека сум на страната на граѓаните. И така ќе постапам до крајниот ден кога ќе бидам јас на оваа позиција, порача министерот.