Пет македонски државјани се заглавени во Појасот Газа, МНР очекува брзо извлекување

Министерството за надворешни работи ја поздрави одлуката за отворање на граничниот премин Рафах, со што се овозможува евакуација на странските државјани, вклучително и петте државјани на Македонија.

„Нашите државјани кои се наоѓаат во Газа веќе се вклучени во списоците за евакуација и истото очекуваме наскоро да се реализира согласно околностите на терен и динамиката на евакуација, имајќи го предвид големиот број странски државјани во Газа кои се дел од оваа операција. Преку тесна и континуирана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел како и со нашите државјани, Министерството за надворешни работи е непосредно и континуирано активно вклучен, со цел нашите државјани да бидат безбедно и навремено евакуирани“, се наведува во соопштението од МНР.

Граничниот премин Рафах се наоѓа помеѓу Египет и Газа. Катар, во соработка со САД, посредуваше во постигнувањето договор меѓу Египет, Израел и Хамас за да им се дозволи на носителите на странски пасоши и на некои тешко повредени лица да ја напуштат опколената Газа, изјави денеска за Ројтерс извор запознаен со договорот.