„Дојде дома, сега ќе бара работа“: Се огласи сопругот на Гордана Јанкулоска

Влатко Илиевски, сопругот и адвокат на Гордана Јанкулоска, која од денеска со условниот отпуст е на слобода по три години и месец во затвор за случајот „Тенк“, во вестите на Телевизија 24 рече дека поранешната министерка за внатрешни работи во наредниот период ќе бара професионален ангажман.

„Практично дојде дома и се врати на секојдневните обврски – да се грижи за семејството и да почне да размислува на професионален ангажман во иднина. Ќе ги почитува насоките од пробациската канцеларија и Законот за санкции, рече Илиевски за ТВ24.

Тој претходно изјави дека „продолжува борбата за нејзината рехабилитација за случајот „Тенк“ пред судот во Стразбур“, и дека со соочува со уште еден предмет каде што е обвинета – случајот „Тврдина“.

Условниот отпуст трае до септември 2024 година и таа нема да се враќа во затвор ако дотогаш не направи ново кривично дело.