Во знак на протест за војната во Газа, Јордан го повлече својот амбасадор од Израел

Јордан одлучи веднаш да го повлече својот амбасадор од Израел за да изрази протест и осуда за израелската војна во Газа, која „предизвикува хуманитарна катастрофа без преседан“, соопшти Министерството за надворешни работи.

„Денеска министерот за надворешни работи Ајман ал-Сафади одлучи веднаш да го повлече јорданскиот амбасадор во Израел“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

„Ја отфрламе и ја осудуваме тековната израелска војна во Газа која убива невини и предизвикува хуманитарна катастрофа без преседан“, се додава во соопштение.

Јорданскиот шеф на дипломатијата, исто така, му наложи на своето министерство да го извести израелскиот колега „да не го враќа назад својот амбасадор, кој претходно го напушти кралството“.

Ал Сафади рече дека амбасадорите можат да се вратат кога „Израел ќе ја прекине војната во Газа, хуманитарната катастрофа што ја предизвикува и ќе престане со мерките за лишување на Палестинците од нивното право на храна, вода, лекови и да живеат безбеден и стабилен живот“. Јордан потпиша мировен договор со Израел во 1994 година, со што стана втората арапска земја која воспостави дипломатски врски со Израел.