Советот за безбедност оцени дека состојба е стабилна и нема индиции за нејзино загрозување

Главниот заклучок од седницата на Советот за безбедност во претседателската вила на Водно е дека безбедносната состојба во државата е стабилна и дека нема индиции кои укажуваат на можно нејзино загрозување.

На седницата која траеше речиси два часа беше оценето дека како членка на НАТО, Република Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците по однос на активности кои се преземаат за зајакнување на безбедноста во евро-атлантскиот простор.

На седницата на Советот за безбедност беше констатирана потребата надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено преземање на мерки и активности од нивна надлежност.

Освен претседателот Пендаровски, членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија се Талат Џафери, претседател на Собранието, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и универзитетските професори Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.

Претходно Пендаровски најавувајќи ја денешната седница, наведе дека поволна околност за Македонија е тоа што е членка на НАТО и дека со тоа редовно добива брифинзите за развојот на состојбата во однос на конфликтот Хамас – Израел.