Напредок во преговорите за нормализација на односите меѓу Србија и Косово не бил возможен бидејќи и едната и другата страна поставувале услови кои биле неприфатливи за другата страна, изјави високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел.
„За жал, договор не беше возможен поради предусловите кои секоја страна ги поставуваше, а кои беа неприфатливи за другата страна“, истакна синоќа Борел.
Вучиќ и Курти синоќа во Брисел на маргините на самитот на ЕУ со часови одвоено разговараа со лидерите на Германија, Франција и Италија Олаф Шолц, Емануел Макрон и Џорџа Мелони, и со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, шефот на ЕУ дипломатијата Борел и специјалниот претставник на Брисел за Западен Балкан Мирослав Лајчак.
Борел кажа дека формирањето Заедница на општини со српско мнозинство е голема пречка за нормализација на односите.
„За да им помогнеме на двете страни да постигнат договор, ние, сите заедно, им предложивме европски, сериозен и врамнотежен предлог за формирање Заедница на општини со српско мнозинство и инсистиравме да ја искористат приликата, што би било големо подобрување во процесот на нормализација и за избегнување инциденти“, кажа Борел.
Додаде дека ЕУ ќе продолжи да инсистира на продолжување на дијалогот за нормализација, кој е единствениот пат за двете страни да може да напредуваат на европскиот пат.