САД објавија дека нападнале две локации во источна Сирија, тврдејќи дека биле користени од Иран и групи поврзани со него.
„Прецизните одбранбени удари беа изведени за да се заштити американскиот персонал во Ирак и Сирија и беа одговор на неодамнешните напади на групи поддржани од Иран. Таквите напади против американските сили се неприфатливи. Иран сака да ја сокрие и негира својата улога во тие напади, но нема да му дозволиме“, изјави американскиот министер за одбрана Лојд Остин.
Тој додаде дека овие американски напади, изведени со борбени авиони „Ф-16“, се одвоени и различни од актуелниот конфликт помеѓу Израел и Хамас.
„Израел не беше координиран, ни известен однапред за нападите“, изјави Остин.
Официјални лица кажаа дека биле погодени складишта на оружје и муниција што ги користат иранските сили. Засега е нејасно дали има човечки жртви.
Според Пентагон, во изминатите денови во напади со дронови и проектили на воени бази во Сирија и Ирак бил повреден 21 припадник на американските сили.
„САД и коалициските сили беа нападнати најмалку 12 пати во Ирак и четири пати во Сирија откако почна конфликтот помеѓу Израел и Хамас“, кажа Пентагон.
САД имаат околу 900 војници стационирани во Сирија и 2.500 во Ирак.