Бектеши: Мерката „гарантирана цена“ најверојатно ќе биде продолжена до крајот на годината

Мерката за намалување на цените на основните прехранбени производи – „гарантирана цена“ што Владата ја донесе кон средината на септември, според министерот за економија, Крешник Бектеши дава резултати и ја има поддршката на потрошувачите.

Иако проектирана да важи до 30 ноември, Бектеши, повикувајќи се на податоците и анализите што ги имаат за нејзиното спроведување, најавува дека мерката најверојатно ќе биде продолжена до крајот на годината.

„Според моменталните податоци и анализи, мерката најверојатно ќе продолжи до крајот на годината за да нема нарушување на пазарот во декември кога има поголема потрошувачка“ – изјави министерот за економија, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Деветтиот FMCG SUMMIT во организација на магазинот „InStore“ и „Кликер маркетинг“.

Бектеши додаде дека денешниот настан ќе биде можност за отворена и транспарентна дискусија со стопанските комори и со другите чинители од бизнис-секторот за мерките.

„Очекуваме нивни сугестии како да се подобрат мерките и да бидат во насока на намалување на цените“ – рече тој.