Зајкова: Итно да се донесат измените на Законот за платежни услуги за да се заштитат граѓаните кои користат банкарски услуги

Претседателката на Либерално-Демократска партија (ЛДП), Моника Зајкова апелира итно да се донесат измените на Законот за платежни услуги, по скратена постапка, а кој на 12 јули го поднесоа пратениците од ЛДП и Левица. Со овој закон, како што вели Зајкова, ќе се заштитат граѓаните кои секојдневно ги користат услугите на банките, бидејќи предвидува значително намалување или укинување на банкарските трошоци и провизии.

Таа вели дека Законот е заглавен во рамки на 120-тата седница во Собранието и Комисијата за финансирање и буџет.

Апелираме што е можно поскоро да се разгледа овој закон за да ги заштитиме граѓаните кои секојдневно ги користат услугите на банките. Сведоци сме на високите трошоци и провизии како на пример за одобрување кредити, одржување на сметки, провизиите за проверка на трансакциска сметка, па дури и повлекувањето пари од друга банка, доколку е различна од банката депонент на граѓаните, посочува претседателката на ЛДП.

Таа додава дека овој предлог закон предвидува значително намалување или укинување на банкарските трошоци и провизии. На тој начин се намалуваат и месечните издатоци на граѓаните со што се чекори поблиску кон поправедна финансиска средина за сите. Зајкова појаснува дека согласно анализите во вториот квартал од годинава во споредба со истиот период лани добивката на банките е зголемена за дури 35,3 отсто.

Зголемената добивка најмногу произлегува од растот на нето каматните приходи, а извесен придонес има и зголемувањето на нето-приходите од провизии, се нотира во извештајот од анализата.

Свесни сме дека иако овие прашања се дел од интерната политика на банките, сепак потребно е законска регулираност бидејќи станува збор за остварување на огромен профит. Со предложениот закон не се обезбедува само финансиска праведност, туку и поправедно и урамнотежено општество во целост. Во нашиот стремеж за правична финансиска иднина за сите граѓани, ги повикуваме и останатите пратеници и партии да ја дадат својата поддршка на овој предлог-закон, вели Зајкова.