Ако има потреба и Нова Година ќе ја дочекаме со замрзнати цени, вели Бектеши

Ако има потреба замрзнувањето на цените на дел од прехранбените производи, пијалаците, зеленчукот и овошјето, ќе продолжат до крајот на годината, најави министерот за економија Крешник Бектеши. Одговарајќи на новинарско прашање, тој се пофали дека мерките досега даваат одличен резултат. Но, граѓаните сепак сметаат дека скапотијата е огромна и дека овие мерки се со ограничена сила.

-Убеден сум дека до 10 ноември ќе ги имаме сите анализи за сите производи во9 одлуките, а компаниите и граѓаните навреме ќе бидат информирани за сите одлуки, односно најмалку десеттина дена пред истекот на владината одлука (30 ноември). Ако има потреба замрзнувањето ќе продолжи најмалку до крајот на годинава – додаде Бектеши.

Од Организацијата на потрошувачите, побараа мерките да бидат на подолг рок за да се види вистинскиот ефект од нив.

На 19 септември Владата реши да се замрзнат цените на 25 групи прехранбени производи онака како што чинеле на 1 август годинава и дополнително да се намалат за 10 отсто. Со тоа, целокупната инфлација во делот на храната би паднала за 4 до 5 отсто. Исто така, трговците на големо за овие производи треба да одобруваат рабат и други надоместоци кон трговците на мало во висина до 5 отсто и не повеќе.

Снабдувачите пак добија задача да ги носат овие производи во количество од најмалку 70 отсто од количеството продадено во август годинава. Од тој датум се забранети и акциските продажби освен на оние производи кои се кус рок.

Бектеши информираше и дека новите антикризни мерки ќе бидат спроведени од министерствата за труд и за образование, а нивната подготовка е при крај, соопшти Бектеши. Министерот претходно рече дека тој е запознаен, со некои од предлозите, но кои мерки ќе се донесат со сите останати засегнати страни. Новите антикризни мерки ќе се реализираат со средства од П1 програмата.