Бесими: За да остане стабилна економијата, Владата го зголеми задолжувањето во обврзници

Даваме можност за подобра реализација на плановите поврзани со фискалната стратегија. Се остава простор доколку треба да обезбедиме депозити на крај на година за да ја одржиме макроекономската стабилност да можеме да реагираме и на домашниот пазар, покрај на меѓународниот, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими,.

Тој уште изјави дека од април има реален раст на платите и дека предизвиците остануваат бидејќи има геополитички движења кои влијаат и врз пазарите.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека е клучно што Буџетот и номинално гледано останува на исто ниво во однос на растот и во однос на дефицитот.

„Тие се плански проекции што се ставаат во Буџетот што даваат можност за подобра реализација на плановите што се поврзуваат со фискалната стратегија“, рече Бесими, потсетувајќи дека веќе е обезбеден пакет од 600 милини евра по програми од меѓународни финансиски институции.

Прашан зошто се оди со опцијата на домашниот пазар во услови на другите поевтини извори за финансирање потенцираше дека тоа е план за крај на година на дефицитот и оти тоа моментно е поевтино и од меѓународните финансиски институции кои се поврзани со Еурибор што е над 4 проценти. На домашнииот пазар задолжувањето е под тој процент, односно домашното задолжување е поевтино дури од Еурибор.

„Тоа е направено плански за дa ги имаме фискалната консолидација и макроекономските компоненти на ниво со кое што ќе ја задржат макроекономската стабилност, а во исто време нема да чинат многу за буџетот. Значи со релокацијата нема зголемување на дефицитот, нема зголемување на расходите“, рече Бесими.

Мораме, истакна министерот, да имаме простор да најдеме во која рамка може да се движеме.

„Во однос на задолжувањето тоа е рамка во која ние може да се движиме во управувањето на јавниот долг. Тоа што е важно за граѓаните е дека дефицитот остана ист и со релокацијата на средства расходите не се зголемуваат. Се прави релокација на средства за да се адресираат сите работи кои се случија во меѓувреме, пораст на платите во јавниот сектор, обезбедување средства за лекови во здравството, пензии и други работи“, рече Бесими.