Нови групи се обучуваат во Србија за напади во Косово, тврдат косовските власти

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља вели дека косовските служби поседуваат разузнавачки информации за тоа дека во Србија се обучуваат други групи за можни нови напади врз Република Косово.

Во синоќешното интервју на КТВ, еден месец по нападот во Бањска, на северот на Косово, Свечља рече дека дел од овие напади што се очекува да се случат, освен Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на партијата Српска листа, кој ја презеде одговорноста за нападот на 24 септември, ќе биде и лицето Звонко Веселиновиќ, кој ѝ е добро познат на полицијата и кого косовските и српските медиуми го споменуваат како една од главните фигури на организираниот криминал во северно Косово.

Според косовскиот министер, овие групи се обучуваат во српски армиски бази во близина на границата со Косово.

– Имаме разузнавачки информации дека се обучуваат други групи, дека не само Радоичиќ, туку и Веселиновиќ ќе биде дел од идните напади, доколку дозволиме да се случат, со единствена цел да се предизвика нова ситуација на теренот, при што позицијата на Србија би се подобрила во однос на нивната цел да го уништат Косово, рече Свечља.

Тој додаде дека Косово ќе ги исполни сите процедури, барајќи екстрадиција и судење на Радоичиќ пред правосудниот систем на Косово.

– Не само негово, туку и на оние кои го планираа овој напад против територијалниот суверенитет на Република Косово. Нема да застанеме тука, порача косовскиот министер за внатрешни работи.

Свечља рече дека државата Србија, Владата и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се одговорни за она што се случи во Бањска на 24 септември.

– Тие го извршија планирањето, регрутирањето, обуката, ја вооружија и ја донесоа таа терористичка група на граница, која беше само бран на терористи планирани да влезат во Косово. Имаше и друга група внатре во Косово, рече тој.

Свечља тврди дека планот за терористичкиот напад во Бањска на 24 септември бил подготвен воено и имал за цел припојување на северните косовски општини кон Србија.