И власта и опозицијата со повици за обединување на денешниот празник

Денеска и власта и опозицијата упатија повици за да се обедини целиот народ. Главните пораки на Претседателот Стево Пендаровски, Премиерот Димитар Ковачевски, собранискиот спикер Талат Џафери и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба беа насочени кон единство на целокупниот народ.

Според Претседателот Пендаровски поделбите мора да бидат надминати.

„На овој ден, пред точно 130 години, шестмина млади луѓе ја основаа македонската револуционерна организација која успеа да ги обедини најхрабрите и најобразованите луѓе на своето време околу една заедничка цел – слободна македонска држава. Како што борбата на револуционерната генерација беше за слободна и праведна држава, така денес мора да биде против корупцијата, непотизмот и криминалот што раѓаат недоверба, социјална неправда и масовно иселување на младите. Како и пред 130 години, така и ние мора да ги надминеме нашите поделби.“-стои во честитката на Пендаровски.

Според Ковачевски, идеалот за независна држава треба да биде мотив за иднината.

„Континуитетот на борбата за слобода и придонесот на револуционерите во реализирањето на вековниот идеал за независна македонска држава е денешен мотив, да создадеме европска и напредна држава. Обединети, храбро и со забрзан чекор да продолжиме по европскиот пат и да обезбедиме прогресивна иднина за нашите деца“, наведува премиерот во честитката.

За Претседателот на Собранието, Талат Џафери споменот на старите битки кои не довеле до тоа што сме сега, треба да биде потсетник и учител за новите секојдневни битки.

„За тоа била потребна и се уште е потребна пожртвуваност, верба и визија за во иднина да се уживаат плодовите на битките низ историјата“, истакнува Џафери во честитката.

Сепак и покрај пораките за сплотеност не изостанаа и различните партиските гледишта и ставови околу одредени прашања поврзани со правната држава и евроинтеграциите откако првиот опозиционер Мицкоски на свечената прослава на градскиот плоштад и порача на владата да земе лист хартија и на него да ги испише датумите за претседателските и парламентарни избори.

На денешен ден во 1893 година во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.