Бајден рече дека САД го „држат светот заедно“ – ги осуди Путин и Хамас

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, искористи ретко обраќање од Овалната соба за да се заложи за американска помош за Израел и Украина. Тој укажа на мрачната визија за тоа што би можело да се случи ако таа помош, заедно со поголемата американска посветеност за одбрана на демократијата, не биде испорачана.

„Историјата не научи дека кога терористите не ја плаќаат цената за својот терор, кога диктаторите не ја плаќаат цената за агресијата, тогаш предизвикуваат уште поголем хаос, смрт и уништување. Ако не ја платат таа цена, нема да запрат, додека заканите за Америка и светот ќе растат“, рече Бајден.

Говорот на Бајден дојде еден ден откако тој се врати од патувањето во Израел за да покаже солидарност со долгогодишниот сојузник. Пред она што може да биде ескалација на насилството на Блискиот Исток, Бајден јасно стави до знаење дека додека рускиот претседател Владимир Путин и Хамас „претставуваат различни закани“, и двајцата сакаат „целосно да ги уништат соседните демократии“.

Бајден ги поврза настаните во Израел со инвазијата на Украина, обидувајќи се да ја оживее сè послабата поддршка на Конгресот за Киев во војната што трае повеќе од година и половина.

Тој аргументираше зошто два конфликти, на две страни на земјината топка, се толку важни за американската национална безбедност, нагласувајќи ја потребата од борба против зајакнувањето на авторитаризмот.

Претседателот Бајден најави дека ќе побара од Конгресот дополнителни 100 милијарди долари за помош на Украина и Израел.

„Тоа е паметна инвестиција која ќе обезбеди сигурност за идните генерации. Помогнете ни да ги задржиме американските трупи од опасност. Помогнете ни да изградиме свет кој е побезбеден, помирен и попросперитетен за нашите деца и внуци“, рече Бајден.

Сепак, апсолутно е сигурно дека американскиот претседател ќе мора да се бори со идеолошките разлики во Конгресот доколку побара заедничка помош за Израел и Украина.

Има широка поддршка за финансирање на Израел, но малцинство гласни републиканци почнаа да одбиваат испраќање дополнителна помош за Украина. Обезбедувањето нови средства би можело да биде комплицирано од политичката парализа што го зафати Конгресот. Претставничкиот дом, кој е под контрола на републиканците, со недели е без спикер, што го оневозможува усвојувањето на било каков закон, вклучително и помош за која Израел изјави дека итно му е потребна.

Во своето обраќање до нацијата, претседателот Бајден изрази жалење за загубата на палестински животи, два дена по експлозијата во болницата во Газа и масакрот на цивилите. Тој повтори дека Израел не е одговорен за експлозијата. Тој нагласи дека на жителите на Газа очајно им е потребна храна, вода и лекови и дека САД обезбедуваат хуманитарна помош во вредност од 100 милиони долари за жителите на Газа.

Неговото признание за големината на трагедијата што ги снајде Палестинците доаѓа во време на критики од врвните арапско-американски и муслимански лидери за справувањето со кризата од страна на Белата куќа.

Претседателот зборуваше и за убиството на Вејд Ал-Фајум, 6-годишното палестинско-американско момче кое беше избодено до смрт 26 пати само затоа што е муслиман. Убиецот е американски Евреин.

„Не можеме да стоиме настрана и да молчиме кога ќе се случи вакво нешто“, рече Бајден. „Мораме без двоумење да го осудиме антисемитизмот. Мора недвосмислено да ја осудиме и исламофобијата. И на сите вас во болка, сакам да знаете дека ја гледам вашата болка. И сакам да ви го кажам ова: сите сте Американци“.

По обраќањето до нацијата во Овалната соба, претседателот и првата дама разговараа со таткото на Вејд Алфајуми, како и со вујкото на Вејд. Тие го изразија своето длабоко сочувство до семејството Алфајуми со молитви за мајката на Вадеид, Ханан Шахин, која беше ранета во истиот напад, целосно да закрепне. Претседателот Бајден и првата дама рекоа дека ќе продолжат да се борат против антипалестинската, антиарапската и антимуслиманската омраза и насилство.