„Наскоро ќе ја видите Палестина одвнатре“: Наскоро Израел оди во копнена офанзива, Бајден одобри

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант им кажа на војниците собрани на границата со Газа дека наскоро ќе ја видат палестинската енклава одвнатре, навестувајќи дека се ближи почетокот на копнената офанзива, чија цел е целосно уништување на Хамас.

Американскиот претседател Џозеф Бајден му даде зелено светло на Израел за целосна копнена офанзива на Појасот Газа со цел да се искорени Хамас! За време на седум и пол часовна посета на Тел Авив во средата, Бајден се состана со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговите сојузници.

Израел жестоко ја бомбардира Газа од нападот на Хамас на 7 октомври, во кој загинаа 1.400 Израелци и притоа воведе целосна опсада на појасот. Се очекува првите камиони со хуманитарна помош утре да влезат во Газа од Египет.

„Бидете подготвени. Ја гледате Газа од далечина, но наскоро ќе ја видите одвнатре. Командата ќе дојде. Нема простување за нападот од 7 октомври. Само целосно уништување на Хамас и на сѐ што има врска со терористите и оние кои ги испратија“, кажа Галант, додавајќи дека борбата ќе биде долга и тешка.

„Ќе ни треба недела, ќе ни треба месец, ќе ни требаат два месеца, сѐ додека не ги елиминираме. Веруваме и сметаме на вас“.

Набргу по изјавата на Галант, премиерот Нетанјаху објави видео снимено близу границата на кое ветува победа.

Израел мобилизираше над 300.000 воени резервисти и голем дел од нив распореди долж границата со Газа, заедно со тешка артилерија, но досега немаше политичка одлука за копнена офанзива.