Маричиќ: 2030 година треба да ни биде мотив и движечка сила за европската перспектива

Планот за забрзување на пристапувањето во ЕУ на Западен Балкан е нешто што проевропските политичари, структури, влади, граѓанско општество го очекуваа подолго време, вели вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и потенцира дека 2030 година како датум за европска перспектива на регионот со конкретен план треба да ни биде мотив и движечка сила за промени и шанса која треба да ја искористиме.

– Две илјади и триесета како датум за европска перспектива на регионот со конкретен план треба да ни биде мотив и движечка сила за промени, шанса која треба да ја искористиме, рече Маричиќ потенцирајќи дека тоа е клучот да се врати довербата и популарноста за идејата на ЕУ, а не само за процесот на евроинтеграција, соопшти СЕП.

Во таа насока тој додаде дека не е многу популарно да се зборува за временски рамки, нагласувајќи, како што се наведува, дека доколку нема временска рамка секогаш ќе има оправдување зошто и како треба да се одложи проширувањето на ЕУ. Маричиќ се осврна и на планот за забрзување на пристапните преговори, кој треба да биде претставен во следните неколку недели.

– Ветувањето од Солун за европската перспектива треба да биде испорачано преку стратешки план, но во меѓувреме може да се направат неколку работи од сега до членството во ЕУ, покрај преговарачки процес, рече вицепремиерот Маричиќ.

Тој нагласи дека планот за забрзување на пристапувањето во ЕУ на Западен Балкан е нешто што проевропските политичари, структури, влади, граѓанско општество го очекуваа подолго време. Нагласи при тоа дека билатералните теми може да бидат голема пречка и подигнат ѕид помеѓу ЕУ и ЗБ, заради што, според него, потребно е ЕУ да има посебен фокус на менаџирање на билатералните спорови.

– Заедно мораме да ги направиме овие планови да се случат и да успеат, со цел да се заврши интеграцијата на Западен Балкан и како концепт да го победи национализмот, рече Маричиќ, порачувајќи дека на регионот му треба Европа повеќе, посилна и попросперитетна и дека тоа е можно само ако двете страни работат на оваа задача.

На семинарот, кој е во организација на Европскиот универзитет од Фиренца, а со поддршка на италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка учествуваше и евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорот на Италија во Северна Македонија, Андреа Силвестри, со кој Маричиќ имаше и билатерална средба.