Од Итната помош со вклучени сирени утрово протестираа за поголема плата

Со вклучени сирени возилата на Итната медицинска помош од многу градови низ земјава утрово го поддржаа протестот за 30% поголема плата, нов Колективен договор, бенефициран стаж, покачување на додатокот за инфекција од 1% на 4% и трансформација на договорите на определено во договори на неопределено време на здравствените работници и административно-техничкиот персонал.

За време на паузата од 10.30 до 11.00 часот здравствените работници ширум земјава излегоа пред здравствените установи за да искажат револт од игнорантскиот однос на надлежните.

Протестите продолжуваат, кусо најави Боби Бојчевски од Независниот синдикат и се заблагодари за големиот одѕив на повикот за протест.

Здравствените работници и административно – техничкиот персонал не се задоволни од покачувањето од 10 % и инсистираат Министерството за здравство официјално да одговори на нивните барања кои им се доставени на почетокот на месецов, но се уште немаат одговори.