Роналдо најдобар стрелец во 2023 година!

На луѓето можеби им се допаѓа или не, но никој не може да ги оспори квалитетите кои ги поседува Кристијано Роналдо. Додека се зборува за извонредните игри на Ерлинг Халанд и Килијан Мбапе, Португалецот иако има 38 години е најдобар стрелец во календарската година досега!

Португалската суперѕвезда и еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, со двата гола што ги постигна во Зеница против Босна и Херцеговина, стана најдобар стрелец во 2023 година. Роналдо стигна до број 40, оставајќи го зад себе Ерлинг Халанд кој досега постигна 39 гола.

Ќе ве изненади тоа што зад Роналдо и Халанд стои напаѓачот на Ференцварош, Барнабас Варга. Унгарскиот претставник во 2023 година постигна 38 гола!

Во оваа сезона Португалецот на 43 натпревари постигна 40 гола, а заедно со головите запиша и девет асистенции. Доколку продолжи вака да ги тресе мрежите до крајот на годината, Роналдо би можел да ја заврши 2023 година како најдобар голгетер во светот.

За волја на вистината, Роналдо игра во Саудиска Арабија, но не треба да заборавиме дека лигата таму стана исклучително силна ова лето.