Грковска: Само со политички консензус и зрелост кај сите партии може да воспоставиме цврст систем заснован на заслуги

Во организација на кабинетот на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи (IFES), денеска се одржа тркалезна маса на тема: „Преглед на законската рамка и праксата во назначувањето директори и раководни лица: предизвици и можни решенија“.

На настанот беше презентирана истоимената анализа на истражувачот Миша Поповиќ, која покрај прегледот на правната рамка и практиките за уредување на процедурите за назначување раководни лица, содржи препораки за надминување на слабостите.

Во изјава за медиумите пред почетокот на настанот, вицепремиерката Грковска истакна дека за ова прашање мора да има политички консензус и дека е потребна политичка зрелост кај сите политички партии, без разлика дали се во опозиција или на власт, затоа што тоа е за доброто на државата.

„Човечките ресурси, особено тие кои се и компетентни, професионални, и со вградени вредности на интегритет и одговорност не се неограничени. Напротив. Токму затоа, мора да создаваме услови и атмосфера во која тие нема да бидат лишени од можноста да напредуваат и да раководат со институции, а не да ги напуштаат или да ги сметаат за неатрактивни за работа од аспект на нивниот професионален и кариерен развој. Затоа е важно воспоставувањето на цврст систем заснован на заслуги. На тој начин јавниот сектор ќе може да ги привлече, но и да ги задржи компетентните лидери, кои со своето раководење ќе придонесат за ефективна и ефикасна работа на институцијата, претпријатието, или која било организација“, истакна вицепремиерката Грковска.