Премиерот Димитар Ковачевски на државниот празник 11 Октомври – Ден на народното востание, во Куманово рече дека „благодарение на непокорот уште од 1903 година и успехот во Народноослободитената борба во 1944 година, постои денешна, современа и независна, демократска, евроатлантска Република Северна Македонија“.
„Сиот прогрес што е направен до денес – е одраз на нашиот непокор и слободата на избор. Овој достоиствен пркос кон предизвиците, да се гледа и чекори напред и да се мисли на иднината и на следните генерации и кога е најтешко – е опеан и во партизанските песни. Каде, партизаните себеси се нарекуваат илинденски наследници, кои стројат живот, слобода, иднина – за жени, деца, старци и младинци. И кој било или што било не може и не смее да нè попречи по овој пат зацртан од дамнина. На ова македонско парче земја никогаш не се бегало – ни од пламен, ни од окупатори, ни од одлуки“ рече Ковачевски.
Тој напомена дека „нашата современа битка денес е да ги донесеме европските и светски вредносни стандарди – дома, што ги очекуваат македонските граѓани, а посебно младите генерации. Затоа што тие ќе осигураат животен стандард и семејни буџети на европско ниво; продуктивно образование, модерно здравство, функционално владеењето на правото, конкурентност на пазарот на трудот. Ќе поттикнат мотивација. Ќе донесат спокој и среќа. Пред нас е предизвикот – младите да ги сочуваме во земјата. Нашите деца, младите луѓе – тие се иднината на државата. Тие ќе останат во родната земја, ако во неа ја гледаат својата иднина“.
„Членството во Европската Унија го потврдува, зацврстува и унапредува идентитетот. Таков е случајот со сите европски народи. Така ќе биде потврден, зацврстен, унапреден – со тоа и заштитен трајно и македонскиот идентитет во европски и светски рамки. Еднаш освоената слобода и еднаш создадената држава – се чуваат и штитат засекогаш“ смета премиерот.
Уверува дека „предничиме и во регионот, па дури и во Европа, по почитувањето на различностите и по почитувањето на човековите права, затоа што историјата ни ја има покажано предноста на заедништвото. Со непокорот успевме да ги совладаме сите клучни предизвици. Но, тоа што бевме едни до други и едни со други, беше и е нашиот силен ветар во грбот по патот напред“.
„Нашата држава отсекогаш била на вистинската страна на историјата, па и за време на Втората светска војна, кога застанала меѓу прогресивните антифашистички сили. И денес сме рамо до рамо во НАТО и со државите членки на ЕУ, во одбраната на мирот. И имаме обврска да останеме на европскиот пат и фокусирани на европските вредности – во името на сè што е постигнато со македонскиот непокор до денес. И со којшто, уверен сум, ќе ги обезбедиме и нашите европски перспективи, реформирајќи го нашиот вековен македонски државен капацитет, во врвен европски капацитет кој ќе покаже дека дента кога ќе влеземе во ЕУ, нашата држава ќе биде најбрзорастечка економија во Унијата“ рече премиерот Ковачевски.