„Денеска достоинствено одбележуваме 82 години од историското народно востание и денеска гордо се сеќаваме на борците- учесници во вооруженото антифашистичко народноослободително востание, кои извојуваа слобода за сите нас. Денеска се поклонуваме пред нивната решителност, храброст и пожртвуваност за слобода и создавање на самостојна, суверена и независна држава“.
Ова го изјави градоначалникот на Куманово и лидер на новата партија ЗНАМ – Максим Димитриевски во своето обраќање по повод празникот 11 Октомври од Спомен костурница во Куманово
Тој истакна дека мора похрабро да исчекориме кон брзи и ефикасни методи, со цел да овозможиме подобар стандард за нашите граѓани.
-Македонија самооддржлива држава, особено во делот на енергетиката и производството на храна. Македонија со високо изразена слобода и еднаквост за сите нејзини граѓани.Македонија со меѓуетничка толеранција и соживот, Македонија држава, која гради мултиетничко општество, а не биетничко. За ова е потребен општ консензус на сите политички чинители, но пред се обединување на македонските граѓани и взаемно почитување на сите заедници. Нашата борба и залагања за европските вредности и за влез во европското семејство, мора да бидат достоинствени и издржливи, на начин како што му доликува на секој горд народ, кој има своја историја, традиција и обичаи“ рече Димитриевски.