Мицкоски: За неколку месеци од денеска во Македонија ќе има нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека за неколку месеци од денеска следува нова политичка реалност и влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе работи за сите граѓани и подеднакво ќе инвестира во сите општини, за разлика, од како што рече, сегашната влада на СДСМ и ДУИ.

„Сакам да им порача на градоначалниците да продолжат да ја реализираат програмата до локалните избори во 2021 година, со тоа што сега ќе имаат олеснителни околности бидејќи за неколку месеци од денеска ќе имаме нова политичка реалност и влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која ќе помага и ќе инвестира во сите општини во Македонија, без разлика дали општината е раководена од кадар од СДСМ, ДУИ, БЕСА, или некој независен градоначалник. Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ сака да биде влада на сите граѓани во Македонија, без разлика на политичката или етничката припадност. Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има намера да биде на целата територија на Македонија, нагласи тој.

Мицкоски рече дека доколку една влада се однесува себично и фаворизира одредени општини, а дискредитира други, тогаш не може да се смета за влада на народот.

„И тоа е многу важно затоа што ако една влада се однесува себично, се однесува на начин кој што одредени делови од државата ги дискредитира, а други ги фаворизира, тогаш таа влада не може да биде на народот. А ние сакаме да бидеме влада на народот која ќе обезбеди национално обединување, порача Мицкоски.