Арсовска во друштво на Ахмети и врвот на ДУИ: Бесплатниот јавен превоз ќе биде од следниот буџет

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која деновиве е изложена на критика поради состојбите во ЈСП и со градскиот превоз, денеска од Сарај ги повика советниците во Градот да ја изгласаат одлуката за 250 еко-автобуси која е одамна поднесена и е дел од нејзиното изборно ветување. Таа денеска заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети и дел од врвот на ДУИ присуствуваше на свеченост, изградба на водовод за седум села од таа Општина, ветување, кое како што нагласи, жителите го слушале 30 години, но сега со средства од Град Скопје чиста вода за пиење ќе добијат идната година.

Арсовска нагласи дека ако советниците ја изгласаат одлуката за набавка на 250 еко-автобуси, тие сукцесивно ќе се набавуваат, но, рече, за жал свесноста е на ниско нив

„Апелирам во интерес на граѓаните да ја изгласаат оваа одлука, затоа што ова е нешто кое што не би требало да има политичка заднина“, порача денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Таа додаде дека реализација на овој проект веќе десетина пати пред советниците беше доставена одлуката. Според неа советниците треба да гласаат во интерес на скопјани кои им дале глас за да работат за добро на градот.

Во делот на бесплатниот јавен превоз, Арсовска рече дека ова е проект што ќе се буџетира во 2024 година. Одлуката ќе биде ставена пред советниците кога ќе гласаат за буџетот во 2024 година.

„Најавувам дека од следниот буџет, веќе го буџетираме бесплатниот јавен превоз за сите граѓани. Ќе биде ставена и оваа одлука пред советниците кога ќе гласаат за буџетот во 2024 година, додаде Арсовска.

Во своето обраќање на свеченоста организирана за да се промовира проектот „Подобрување на водоснабдувањето за населените места Рашче, Копаница, Бојане, Буковиќ, Ласкарце, Чајлане и Семениште“, градоначалничката рече дека за овој проект се говорело 30 години, но дека сега со средства од Градот овие села наскоро ќе добијат нормален водовод.

„Опфатот е отприлика за над 11.000 жители на општина Сарај и околу три илјади домаќинства, семејства кои што ќе имаат подобро водоснабдување, рече Арсовска и додаде дека ќе постои можност за приклучување на уште две села.

Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети се заблагодари за соработката со Арсовска, нагласувајќи дека на првата работна средба со градоначалничката таа ја отворила темата за водоводот. Беџети, рече дека на Арсовска тогаш ѝ рекол дека се работи за скап проект, но таа, како што нагласи, му одговорила дека не го прашала за цената, туку дека тој проект мора да се сработи во интерес на граѓаните.

Беџети рече дека и Ахмети претходно му кажал дека на Арсовска треба искрено да ѝ се заблагодарат бидејќи станува збор за исклучително важен проект.

Лидерот на ДУИ, Ахмети во обраќањето нагласи дека многу проекти можат да се реализираат доколку постои соработка меѓу политичките фактори, нагласувајќи дека потврда за тоа е соработката меѓу Сарај и Град Скопје.

Аровска во обраќањето им се заблагодари на локалната власт од Сарај на довербата.