Од македонското МНР информираат дека преку различни транспортни канали, „уште десет наши државјани го напуштија Израел, и тоа: четири со лет до Атина, петмина до Подгорица, а едно лице со лет до Истанбул; заедно со оние кои претходно тоа го сторија, вкупната бројка за изминативе два дена надмина 30 наши државјани што го напуштија Израел“.
Оттаму велат дека македонската амбасада во Тел Авив е во тесна координација со кризниот штаб во Министерството за надворешни и активно работат на враќање на уште 100 наши државјани, кои побарале помош за напуштањето на Израел, и кои во најголем дел се наоѓаат на безбедни локации.
„Еден дел од нив веќе имаат обезбедено билети преку редовните летови кои се активни преку меѓународниот аеродром во Тел Авив кој е во целосна функција. Дел од нив се наоѓа во подрачја кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни, за што веќе е обезбеден внатрешен транспорт низ територијата на Израел за нивно префрлување на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома. Меѓу нив се и двајца наши државјани во Појасот Газа, за чие извлекување е задолжена Амбасадата на Северна Македонија во Каиро, која е во директна комуникација со Министерството за надворешни работи на Египет“ се вели во соопштението од МНР.
Апелираат до нашите државјани во Израел да го следат Националниот портал за итни случаеви (www.oref.org.il), односно тн. Home Front Command, специјализиран за цивилна заштита, кој излезе со нови препораки до населението, како и да се почитуваат сите други упатства на надлежните институции на Израел.
Потсетуваат дека Министерството за надворешни работи на Северна Македонија на располагање ги има и двата СОС дежурни телефони – 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378