Човекот кој удри со своето возило во кинескиот конзулат во Сан Франциско беше застрелан и убиен по конфронтација со полицијата во фоајето, соопштија властите.
Во 15:09 часот по локално време, возачот удрил со својот автомобил во фоајето на Генералниот конзулат на Народна Република Кина, во кој се обработуваат визи, потврди наредничката Кетрин Винтерс, портпарол на полицијата во Сан Франциско.
Винтерс додаде дека полицајците се соочиле со возачот неколку минути по несреќата и пукале во него, пренесува „Си-ен-ен“. Возачот бил пренесен во локалната болница каде била констатирана смрт. Не е јасно колку луѓе имало во конзулатот кога се случил инцидентот, но Винтерс рече дека се чини дека никој друг не бил повреден.
На синоќешната прес-конференција Винтерс одби да каже зошто полицијата отворила оган или дали убиениот бил вооружен. Таа, исто така, одби да коментира дали автомобилот удрил во зградата намерно, или да даде други информации за лицето или инцидентот.
Портпаролот на Генералниот конзулат на Кина во Сан Франциско изјави дека несреќата предизвикала сериозна штета на зградата и ги ставила луѓето во сериозен ризик од повреди или смрт. Во соопштението за медиумите тој изјави дека конзулатот најостро го осудува инцидентот и повикува на брза истрага и сериозно постапување во согласност со законот.
Полицијата во Сан Франциско потврди дека нејзини вработени и претставници на американскиот Стејт департмент соработуваат со кинескиот конзулат. Винтерс рече дека властите работат на утврдување која агенција ќе ја води истрагата за инцидентот.
„Ова е уникатна истрага бидејќи инцидентот се случи во фоајето на кинескиот конзулат, така што се вклучени голем број агенции и јурисдикции“, заклучи таа.