Скок на цената на нафтата по избувнувањето на војната во Израел
На азиските берзи во понеделникот се тргуваше претпазливо, цените на нафтата силно пораснаа, а доларот и јапонскиот јен зајакнаа додека инвеститорите ги следат вестите за воениот конфликт на Блискиот Исток.
Во Австралија утрово цените на акциите пораснаа околу 0,4 отсто, додека на Шангајската берза паднаа за приближно 0,5 отсто.
Во Хонг Конг не се работи поради ураганот, а во Јапонија и Јужна Кореја поради празници.
Инвеститорите утрово не сакаат поризични инвестиции поради воениот конфликт на Блискиот Исток, откако борците на исламистичката организација Хамас во саботата го нападнаа Израел и убија повеќе од 700 луѓе.
Израел возврати со воздушни напади врз Палестинците во Газа во неделата, при што загинаа стотици луѓе од двете страни.
Зголеменото насилство се заканува со избувнување на нова војна на Блискиот Исток. Поради ова, на финансиските пазари владее неизвесност, па инвеститорите бараат побезбедни засолништа за својот капитал, а тоа се меѓу другото, државните обврзници и валути, како што се доларот и јапонскиот јен.