Платформата Одговорност, која од минатиот протест ја презема целокупната организација на протестите за сознанијата од Онкологија, и денеска повикува во 18 часот пред Владата на Македонија.
„Платформата Одговорност, повторно ќе потенцираме, е формирана од неколку граѓани кои имаат изгубено член од семејството на Клиниката за онкологија и нема никаква политичка позадина“, велат оттаму.
„Од минатата недела добивме и поддршка од онколошките пациентки кои веќе некое време протестираат пред ОЈО. До 1 Ноември остануваме со протести секој понеделник во 18 ч. пред Владата на Македонија, а по 1 Ноември, во консултација со онколошките пациентки ќе излеземе со соопштение на кој начин ги продолжуваме протестите.
Денес, 09.10.2023, на протестот нема да се обратиме, ние организаторите, бидејќи се подготвуваме за следниот протест на 16.10.2023, каде ќе се обратиме со најновите информации и сознанија од Клиниката за онкологија.
Изминатава недела остваривме и контакт со неколку медицински лица и сме во постојана соработка со истражувачките новинари кои ја почнаа оваа сторија, и згрозени сме од најновите сознанија. На 16.10.2023 ќе ги обелодениме дел од нив со вас, медиумите, и со јавноста.
За крај, остануваме на 6-те Ултиматуми како и до сега“, се додава во соопштението од организаторите.