Доцни новата позитивна листа на лекови

Пациентите, меѓу кои и онколошките се во исчекување на позитивната листа на лекови. Дел од пациентските здруженија нагласуваат дека дел од лековите наменети за малигните заболувања се застарени и бараат здравствените власти конечно да обезбедат нови посовремени лекови кои ќе имаат поголем ефект во лекувањето, пренесе тв24.

„Ние се трудиме колку можеме да апелираме и да притискаме на оние органи од власта коишто се во здравствениот сектор. Гледаме некоја промена, барем еден чекор во однос на тоа дека ќе се возобновува позитивната листа на лекови, којашто за жал за некои лекови не е обновена повеќе од седумнаесет години. Кога зборуваме за позитивната листа, лековите коишто ги нема повеќето се оние кои ги користат пациентите со рак.“ – вели Милица Кузмановска.

Од министерството за здравство нема информации за позитивната листа, иако министерот уверуваше дека на почетокот на месецов ќе се знае кои нови лекови ќе можат пациентите да ги добиваат на рецепт.

„Таа ќе биде комисијата и точно ќе се знае во октомври кои лекови ќе бидат ставени.“ – вели министерот за здравство Фатмир Меџити .

Но, и покрај најавите, досега нема ниту еден нов лек на позитивната листа.
Во меѓувреме, наместо нови, на листата се наоѓаат многу застарени лекови од кои дел веќе и се исфрлени од употреба во други земји, а дел од пациентите или купуваат од свој џеб лекови од странство или пак пијат по неколку лекови наместо едно апче кое содржи повеќе компоненти, но не им е достапно со рецепт.