Повеќе од 250 загинати Палестинци во Газа, 1.788 повредени

Во првите 24 часа откако Хамас го нападна Израел, а израелските сили одговорија со одмазнички напади врз Газа, во оваа палестинска територија загинале најмалку 256 луѓе, вклучувајќи и 20 деца, а уште 1.788 луѓе се ранети, објави палестинското Министерство за здравство.

На снимки од Газа вчера се гледаа страотни детонации од повеќе места во појасот со над 2 милиона жители. Се урнаа и најмалку две десеткатници погодени од израелски проектили.

Жителите на Газа од вчера се во засолништа, стравувајќи од нови воздушни напади, но и копнена операција на израелските сили.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху најави дека Израел сурово ќе одговори на нападот, дека ќе ги ликвидира сите терористи од Хамас, а на жителите на Газа им порача да не им даваат поддршка на милитантите.