Повредата на Лионел Меси е од посериозна природа и тој најверојатно нема да игра повторно оваа сезона, но Интер тоа го крие заради навивачите.
Американските медиуми пренесуваат дека Лионел Меси се здобил со кинење на тетивата од два сантиметри, па сезоната за него е завршена.
Лео се повреди додека играше за репрезентацијата на Аргентина во квалификациите за Светското првенство, против селекцијата на Еквадор. Состојбата на повредата се влоши пред десетина дена на натпреварот меѓу Интер и Торонто, кога најдобриот играч на Мајами го напушти теренот во 37. минута.
Се шпекулира дека Интер не сака официјално да објави за повредата на Меси за да не падне продажбата на билети. Од доаѓањето на Меси, трибините се преполни, а Мајами двојно ги зголеми цените на сезонските билети за следната сезона, па прашање е како би реагирале навивачите доколку клубот и официјално потврди дека повеќе нема да го гледаат на теренот.
Доколку информацијата за повредата и паузата се покаже како точна, Лео Меси најверојатно ќе ги пропушти четирите натпревари на Аргентина – против Парагвај, Перу, Уругвај и Бразил.