Уставниот суд на денешната седница донел одлука да го поништи Упатството за водење на матичните книги кое беше донесено со акт од Министерството за правда и со кое се предвидуваше изводите на матичната книга да содржат графа за националност.
Портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска на денешната прес-конференција информираше дека одлуката е донесена со мнозинство гласови и ќе биде објавена во Службен весник.
– Кога Уставниот суд донесува поништувачка одлука, тоа значи дека одлуката има ретроактивно дејство, сметано од моментот на донесувањето на актот којшто се поништува, појасни Беловска.
Таа посочи дека Упатството е поништено бидејќи судот оценил дека е направена повреда на членот 52 став 2 од Уставот, односно не е испочитуван уставниот рок во кој требало да се објави ова упатство.
– Тој член предвидува рок за објавување „најдоцна за 7 дена од денот на донесувањето. Уставниот суд веќе појасни во јавноста дека на прашањето за рокот не му пристапува технички, туку суштински и тој треба да биде почитуван од сите, додаде Беловска.