По Македонија, и Бугарија го протера рускиот свештеник Васијан Змеев, објави руски „ТАСС“, наведувајќи дека причина за тоа е дека бил закана за националната безбедност.
Веста ја објави руската агенција повикувајќи се на извори од Руската амбасада во Софија.
Дел од бугарските медиуми пренесуваат дека за персона нон грата биле прогласени и уште две свештени лица, без да се наведе нивниот идентитет.
Од руската амбасада во Софија жестоко реагираа: Очигледно е дека сегашното бугарско раководство си постави задача да го уништи не само општествено-политичките врски меѓу нашите земји, туку и да ги прекине односите меѓу сестринската Руска и Бугарската православна црква…
Змеев неодамна беше протеран и од Македонија заедно со тројца други руски дипломати.. Веста предизвика полемики во Бугарија за ефикасноста на бугарските безбедносни служби, а бугарскиот политичар Атанас Атанасов праша како можела малата Македонија да дознае за активностите на свештеникот, а Бугарија не, каде како што рече, комфорно живеел пет годни..
„Религија.мк“ објави дека Змеев е шеф на Руското црковно подворје во Софија, кој изминатава година имал интензивни посети на земјава и зачестени средби со високи претставници на МПЦ-ОА и ја имал улогата на координатор на руските црковни политики на Балканот, со особено влијание во Бугарија и во Македонија.