(ИН МЕМОРИАМ) Џидров за Трилинг: Основното мото за театарот е две даски, еден глумец и еден човек во публиката

Еден од најзначајните македонски сценографи и архитект, скопска легенда познат по прекарот Џиби почина вчера по подолго боледување. Погребот беше извршен денеска, а комеморацијата ќе се одржи на 6 септември во Кинотеката од 11 часот.

„Основното мото за театарот е две даски, еден глумец и еден човек во публиката, а идејата беше – револуција“, кажа Џидров за Трилинг на неговото интерјву во јануари 2022 година. Видеото кое е достапно на нашиот Јутуб канал во разговор со Марија Димишкова тој зборуваше за неговата богата кариера.

„Кога си млад, средината бара идоли, еден од генерацијата 1963/4/5 година е Владимир Милчин, некоја млада генерација повлекува следбеници. Еден од следбениците бев и јас. Беше друго време, но за посериозните работи во театарот остана трага неизодена, а се затвори циклус 10-тина години подоцна. Јас сум во втората генерација „голтари“, а првата генерација го напиша манифестот на театарот, каков театар сакаме – основно мото беше две даски, еден глумец и еден човек во публиката, а идејата беше – револуција“ – рече Крсте С. Џидров – Џиби, архитект и сценограф во најновото издание на Трилинг.

Во ова интервју новинарката Димишкова го прашува за неговата кариера, но за и тогашната мода каде ги спомнува долгите коси и која била позадината кога истите се носат.

Долгата коса беше револт на добриот изглед на луѓето. Фризура, бричење и така натаму… И одеднаш се прави револт. Ние претставите ги игравме надвор, на улица. Со нашите претстави правевме анимација за да ги анимираме жителите да почнат да не гледаат, а така да предизвикаме револт кон институциите, вели Џиби.

Тој зборуваше и за работата во 33 театри и работа во повеќе од 10 држави.

Јас сум од 70-та година со театарот. Не знам зошто на никој не ми рече „Џидров ајде дојде ваму“, вели тој и го објаснува тогашниот негов ангажман со театарот.

Во текот на кариерата направи над 150 сценографии за театарски претстави, работеше со докажани режисери од земјава и од регионот, а најмногу со Владимир Милчин.

По професија архитект, кој 24 години работеше во „Алумина“, Крсте Џидров кон сценографските задачи пристапуваше како кон архитектонски решенија. Со колегата Симе Узуновски први употребуваа оригинални материјали и предмети, наместо сликарски техники. Од почетокот на 1980- тите години до последниот проект „Аудиција“ во мај годинава , во прилепскиот театар, Џидров креира над 150 театарски сценографии, 10 за филмови, а направи и 70 плакати за претстави.

Интервјуто за „Трилинг“, како и останатите наши интервјуа и цели емисии можете да ги следите на нашиот Јутуб канал.