Недостасуваат дури 34 отсто од учебниците, на МОН му се заканува тужба

Новата учебна година ја дочекуваме со стари проблеми. На Министерството за образование и наука му се заканува тужба затоа што не се обезбедени сите учебници за сите одделенија пред стартот на учебната година. Недостасуваат дури 34 отсто. Воопшто нема учебници за трето и шесто одделение, а за сите останати одделенија недостига по некој учебник. Исклучок се учебниците за прво и второ одделение.Конечната одлука за тоа дали ќе има тужба ќе биде соопштена деновиве, а доколку има тоа ќе биде прв таков случај во Македонија.

-Комисијата согласно закон има право да поведе пред суд тужба од јавен интерес против државните институции кои не ја отстраниле дискриминацијата, вели Весна Бендевска, претседателка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Освен КСЗД право на тужба по различна основа имаат и родителите на учениците.

-Секој има право да побара заштита доколку се чуствува повреден во неговото уставно згарантирано право на еднаквост. Таква претставка може да поднесат до нашата Комисија и до Народниот правобранител и се разбира на највисоката судска инстанца, додаде Бендевска.

Оправдувањата од МОН беа дека некои учебници се во фаза на печатење, а некои во фаза на одобрување, но со ветување дека сите тие ќе бидат дистрибуирани во училиштата до крајот на месецот.

Промената на учебниците е според новата концепција за основно образование во 2021 година. И изминатата учебна година имаше доцнење со учебници и КСЗД констатираше дека има продолжена дискриминација врз учениците, со препорака да обезбеди учебници најдоцна до 31 август и да достави писмен извештај. Но сепак една третина од учебниците и денеска не се обезбедени и учениците користат привремени материјали изработени од Бирото за развој на образование.