
Се врши распит на лица кои имаат сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија, а тим од стручни лица ќе ја анализира медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. Од обвинителството соопштија дека интензивно се преземаат дејствија за расчистување на целиот случај а веќе се издадени наредби за анализа на одземените компјутери при претресите.
„Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека сите наводи ќе бидат до крај истражени, а сите евентуални сторители на кривични дела ќе бидат соодветно гонети. Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста.“…велат оттаму при што апелираа и секој кој има сознанија за случајот да пријави кај надлежните органи. Министерот за внатрешни Оливер Спасовски потврди дека поголем број на лица досега пред полицијата ги пренеле информациите со кои располагаат, но повеќе детали не сакаше да открие. Уверува дека ќе се проверат сите наводи а сите инволвирани ќе одговараат.
„Се преземаат низа на активности во координација и согласност со Јавното обвинителство, сето она што е криминалистичка истрага, обработка на податоци, на информации кои што ги имаме и во овие денови нашите колеги од одделот за криминалистичка полиција е во полна пареа. Ќе се работи деноноќно на целиот овој процес се до тогаш додека да биде подготвено со излегувањето на пријавите. Важно е да ги утврдиме сите релеванти докази коишто практично ќе го дефинираат целиот овој случај и нормално е дека сите оние коишто се инволвирани да се изнесат пред лицето на правдата.“
Полицијата во координација со обвинителството влезе на Клиниката за онкологија во петокот а беа извршени претреси и во два приватни станови. Акцијата се случи по објавените сомнежи во медиумите за препродавање на скапа биолошка терапија на клиниката додека онколошките пациенти долг период беа без терапија.