
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека е потребна и кривична и политичка одговорност во врска со случајот на Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање на цитостатици.
Тој потенцираше дека од Владата треба веднаш да си дадат неотповиклива оставка и да се излезе на брзи парламентарни избори.
– Како човек сум згрозен од тоа што се случува. Сведоци сме на едно криминално-монструозно-мафијашко здружување на неколкумина медицински лица блиски до партиите на власт. Она што згрозува е за да се богатат, за да остварат лична добивка, лековите кои наместо да им бидат дадени на оние на кои им се најпотребни и кои што умираат во болки, тие ги препродавале и пациентите ги оставале на милост и немилост. Тие практично се здружиле за да направат злосторство врз човештвото. На секој човек ова му предизвикува голема мачнина, но ние како ВМРО-ДПМНЕ уште пред две години алармиравме дека ова се случува на таа Клиника – изјави Мицкоски во одговор на прашање во Виница.