
Предмалку стигна информацијата дека попладнево се случиле два поголеми пожари во Македонија.
Еден полициски хеликоптер и еден „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасувањее помагаат во гаснење на пожарите во штипско и Зелениково, откако била побарана воздушна поддршка. Како што соопштија од Центарот за управување со кризи, станува збор за шумски пожари, едниот во атарот на штипското село Пиперово, а другиот пожар во селото Гумалево, општина Зелениково.
„Ер тракторот“ на ДЗС дејствуваше повеќе пати врз шумскиот пожар во Гумалево и во делови огнот е изгаснат, соопшти директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
„Пожарот е изгаснат во деловите со трева и грмушки, но е навлезен во висока шума. Дејството на ’ертракторот’ е одлично, со секое фрлање на вода измешана со специјална против-пожарна смеса значително ја намалува силината на огнот. Доколку пожарот не го изгасат пред стемнување рано наутро ќе се изврши проценка и ќе се договори нова тактика како да се продолжи со гаснење“ – рече Ангелов.
Пожарот кај Пиперово, како што наведуваат од ЦУК претходно се прошири и кон свињарска фарма, а на терен во гаснењето учествуваа и штипските пожарникари кои се бореа со огнените јазици, пренесе МИА.
„На терен сме 15 пожарникари со четири противпожарни возила“ – изјави за МИА Дарко Коцев, командир на ТППЕ-Штип.
Во меѓувреме хеликоптерот успешно дејствува врз пожарот во штипско Пиперово, но огнот меѓу другото се движи во насока на Општина Конче, вели Ангелов.
Бидејки пожарот е во близина на браната Мантово, како што посочи Ангелов, хеликоптерот на МВР направил повеќе успешни и прецизни налети.