Болни од рак „лечеле“ со физиолошки раствор?!

Наместо со биолошка терапија, болни од рак „лечеле“ со физиолошки раствор?!

По неколку написи во „Фокус“, Обвинителството отвори предистражна постапка, во чии рамки вчера полициски инспектори извршија претрес на Онкологија, како и во домови на вработени. Последниот од серијалот текстови поврзани со злоупотреби на скопската клиника, преку препродавање на скапата биолошка терапија на црниот пазар, е објавен во најновиот број на неделникот, каде откриваме дека работите одат дотаму што дел од лекарите тврдат дека на болните им се ставало и минимално количество од лекот, а другото било обичен физиолошки раствор. Притоа, никој не може да контролира што всушност примаат болните, особено откако бил забранет КАТО-системот, преку кој се вршела евиденција за внес на сите терапии. Воедно, откриваме со кои лекови се правеле манипулации со цел незаконска заработка на грбот на тешко болните од рак! Текстот го објавуваме во целост.

„Ѕидовите на Клиниката за онкологија сѐ што слушнале и виделе, да можат да прозборат, половина од вработените таму би завршиле зад решетки“. Ова беше само еден од коментарите на нашиот соговорник, онколог на клиниката, кој ги знае сите, како што вели, страшни случувања во болницата, каде што се лекуваат најтешкоболните пациенти.

„Фокус“, во последниот број ја разоткри целата криминална шема на лекари и вработени во онколошката клиника, кои препродавале скапи лекови на црниот пазар и на коцка го ставиле здравјето на болните од рак, кои таму ја гледаат последната сламка спас за својот живот.

Сепак, тоа што е многу важно да се нагласи е дека сите лекари, медицински персонал и вработени не се влезени во таа шема. Нормално дека постојат исклучоци што професионално си ја вршат лекарската работа.

По објавата на „Фокус“ за препродавањето скапи лекови за болните од рак во Косово, експресно со реакција се јавија од Министерството за здравство, од каде што истакнаа дека ќе направат вонреден инспекциски надзор на скопската Клиника за онкологија.

„Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити ќе побара од ДСЗИ да испрати вонреден инспекциски надзор во Клиниката за онкологија, со што би се утврдила фактичката состојба по објавената статија во неделникот „Фокус“. Во текот на следната недела, министерот Меџити ќе оствари и работен состанок со директорката на Клиниката.
МЗ апелира доколку членови на семејство на пациент и лично пациенти имаат каков било сомнеж за евентуален лекарски пропуст или за начинот на лекарски третман, да се обратат до ДСЗИ“, се наведува во реакцијата од ресорното Министерство.

Од Основното јавно обвинителство, пак, ни потврдија дека против повеќе вработени на Онкологија се покренати истражни постапки за кражба и поткуп за примање терапија.

„Во Основното јавно обвинителство Скопје има предмети што се однесуваат на конкретни лица осомничени за кражба и поткуп за примање терапија на Клиниката за онкологија. Еден од тие предмети е во судска постапка по поднесено обвинение, а по останатите се постапува.

Јавното обвинителство ги анализира извештаите на Државниот завод за ревизија, но и написите на медиумите на оваа тема. Доколку притоа се констатираат елементи на кривично дело што се гони по службена должност, обвинителството ќе постапи и ќе ги испита наводите“, се наведува во одговорот од ОЈО.

Во целиот овој случај, надлежните институции се на потег зашто тешко им се пишува на болните од рак, кои и така се жртви на тешката болест, од која повеќето умираат во тешки маки.

Целиот текст може да го прочитате ТУКА.