
Во експлозија во фабрика за метал во бразилската држава Сао Паоло загинаа четири лица, а најмалку 30 тешко беа повредени, соопштија официјални лица.
Десетици противпожарни и спасувачки екипи се испратени на местото на експлозијата во градот Кабрева, изјави на социјалните мрежи гувернерот на Сао Паоло, Тарцисио де Фреитас.
Кабрева се наоѓа на околу 90 километри северозападно од градот Сао Паоло, според АП.
Снимките од бразилските ТВ станици покажуваат дека фабриката била целосно уништена во експлозијата. Локалните медиуми јавуваат дека експлозијата била предизвикана од прегревање на опремата.
Болниците во околината се предупредени дека е можен голем прилив на повредени лица.