И сопругата на тендерџијата Адеми, донатор на ДУИ: „Виаком“ префрлила 1,8 милиони денари на партијата

Министерството за надворешни работи денеска ја достави документацијата за тендерот кој крена прашина во јавноста поради можното кршење на одредба од законот за финансирање политички партии, објавува ПлусИнфо.

Арбе Адеми, сопругата на Елмедин Адеми од фирмата „Еуровиа“ е исто така меѓу најголемите донатори на политичката партија ДУИ преку нејзината фирма „Виаком“ која е дел од од групацијата на „Еуровиа“, пренесоа повеќе медиуми. Неофицијално „Виаком“ лани ѝ донирала 1,8 милиони денари на партијата, исто толку колку и „Еуровиа“, додека Елмедин Адеми лично донирал 2,5 милиони денари – сума повисока од законскиот максимум за донации на партии од физичко лице.

Министерството за надворешни работи денеска ја достави документацијата за тендерот кој крена прашина во јавноста поради можното кршење на одредба од законот за финансирање политички партии. Имено, „Еуровиа“ ја доби задачата за преуредување на спортската сала „Борис Трајковски“ за настан на ОБСЕ што треба да се одржи годинава. За таа цел „Еуровиа“ треба да добие 1,5 милиони евра.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи неодамна рече дека од медиумите дознал дека Елмедин Адеми е донатор на партијата во која тој е член. Во медиумите осамна фотографија од Адеми со највисокото раководство на ДУИ. Тој јавно негираше дека бил донатор, а побара извинување од медиумите.

Во извештајот на ДУИ доставен до УЈП „Еуровиа“ е на списокот меѓу партиските донатори.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) најави дека ќе отвори предмет во врска со овој случај.