(Видео) Г.г. Стефан со апел при одбележувањето на големиот празник: Да ги сочуваме семејните вредности

При одбележување на празникот ,,Успение на Пресвета Богородица‘‘ г.г. Стефан со апел: „Да ги сочуваме семејните вредности“.

„Сите кои се загрижени за третманот и правата на жената се непознавачи на вистинското место на жената во христијанството“, рече поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

Во своето обраќање по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, архиепископот охридски и македонски се фокусираше на статусот на жената и истополовите бракови. Вели „т.н. борци за правата на жените ја навредуваат природата на жената и нејзиното природно право на мајчинство“.

„Па до каде ќе стигне светот со истополовите бракови и со хуруршката промена на полови? Вистинско време е самопрогласените борци за правата на жените да се запрашаат како ќе се раѓаат и воспитуваат идните поколенија? Пресвета Богородица била и останува да биде идеал за мајка. И со покажаната љубов и со трпението и со подготвеноста за страдање и подготвеноста за саможртва“ – поглавар на МПЦ-ОА, г.г. Стефан

Богородица важи за заштитничка на жените, мајките, леунките, рударите, но и на сите граѓани на градот Скопје. Верниците и годинава масовно го прославија празникот. Одбележувањето почна уште синоќа со свечени литургии во црковните храмови. Во манастирот на Матка денеска стотици граѓани дојдоа да запалат свеќа и да се помолат за здравје.

Традиционално на овој ден се одржуваат и крводарителски акции. Голем беше интересот за дарување крв во дворот на манастирот Успение на Пресвета Богородица.

Акција се одржа и во Домот на АРМ, пракса воспоставена од 2003-та година.